Ѓорѓија Пулевски или Ѓорѓи Пулевски (1817, Галичник – 13 февруари 1893, Софија) бил македонски писател на кратки дела, лексикограф, историчар и воен водач.

Роден во селото Галичник, Ѓорѓија од печалбар-ѕидар во Романија до почетокот на 60-те години својот животен пат го продолжува низ разните ослободителни војни и востанија во текот на целата втора поволина на 19 век. Тој ја започнува борбата за слобода на својот народ, истовремено учествувајќи во ослободителната борба и на другите балкански народи. Верувајќи дека со тоа се бори и за својата татковина, Пулевски најпрвин се вклучува како доброволец во ослободителните акции во настаните од 1862-1863 година кога, како наредник на „понтонерска чета“, се бори против турскиот гарнизон во Белград. Потоа, по избувнувањето на Српско-турската војна (1876) тој пак се вклучува како доброволец, на страната на српската војска.

Веќе во следната година започнува Руско-турската војна и Пулевски е одново со својата чета во редовите на авангардата на руската армија при ослободувањето на Бугарија. Со Одринското примирје и Санстефанскиот прелиминарен договор е прекинато заземањето и на Македонија. Но уште во следната година (1878) Пулевски пак активно учествува како војвода во Кресненското востание, ставајќи се директно во функција на борбата за слобода на македонскиот народ.

Не помалку е значајна неговата културно-национална дејност како учебникар, лексикограф, граматичар, поет, фолклорист, етнограф и историчар. Негово првопечатено дело е „Речник од четири јазика“ (четиријазичник), објавено во Белград во 1873 година. Тоа е всушност петјазичник, бидејќи во колоната на српскиот јазик дава лексички материјал од двата блиски, но сепак различни јазика: македонскиот и српскиот. 

Втората публикувана книга на Пулевски е „Речник од три јазика“ (тријазичник), објавена исто така во Белград во 1875 година. Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија  за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет.

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by