Денешниот современ начин на живеење сè повеќе го потиснува народното културно богатство и човекот неповратно ја губи врската со традицијата.

Македонските ракотворби се развивале постапно низ вековите,  достигнувајќи ниво на совршенство. Нивната вредност како културно обележје со одлика на високо квалитетна уметност најчесто се афирмира преку традиционалните обичаи во период на верските празници. Тоа е нашиот идентитет кој треба да го зачуваме.

Жената отсекогаш знаела своите вештини да ги преточи во ракотворби преку специфични орнаменти изработени со помош на разни техники, со боење, ткаење, плетење и везење. Со цел да се сочува, негува и промовира македонската етно култура како духовна вредност која има уникатни карактеристики, Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб и МКД „Охридски бисер“ од Загреб во рамките на манифестацијата Денови на македонската култура организираа изложба насловена „Македонски ракотворби“.

Изложбата се одржа на 25 април 2017 година во Хрватската куќа „Материна прича“ под покровителство на Советот за националните малцинства на РХ.

На отворањето поздравно обраќање имаа потпретседателката на Советот, Лилјана Грујоска, претседателот на МКД „Охридски бисер“, Благој Штерјов и претседателката на Хрватската куќа „Материна прича“, Мина Петра Петричец, а гостите, меѓу кои беше и Лена Ѓапиќ, претставничка на македонското национално малцинство за Загрепската жупанија, ги поздрави и Костадинка Велковска, пратеничка на градоначалникот на Град Загреб.

На изложбата можеа да се разгледаат сувенири и честитки изработени од членките на етно работилницата „Разбој“ при Друштвото, везени и плетени рачни изработки на разни предмети со мотиви на народнен вез, народни носии, слики и други творби. За изработка се користени конци, волница, срма, платно, бои, стакло, дрво, керамика и разновидни материјали. Инспирирани од неисцрпниот македонски колоритен фолклор, постарите жени своите знаења и искуство им ги пренесуваат на помладите генерации.

 Атмосферата беше збогатена и со музика која ги има истите етно корени. Пејачката група „Моми бисерни“ под водство на Сафиудин Алимоски исполни неколку македонски народни песни кои дополнително ја облагородија оваа вредна изложба.

 

 


Copyright Учи Македонски 2024 | Developed and Hosted by